МГ Фешн: Легална е дозволата за градба спроти „Холидеј Ин“

„Во врска со наводите изнесени во соопштението за јавност од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ дека дозволата за градба на парцелата 1.1 спроти „Холидеј Ин“ е нелегална, сакаме да ја известиме јавноста дека градежната дозвола е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена.

Ја замолуваме иницијативата „Шанса за Центар“ да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка. Станува збор за постапка која е започната пред многу години и во истата нема никакви правни недоследности.

Потсетуваме дека МГ Фешн правото на сопственост го има стекнато со откуп на приватен имот и дооформување на парцела, односно откуп на државно земјиште од Министерството за транспорт и врски во 2018 година, а за откупот позитивно мислење има издадено и Државното правобранителство.

Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темелеше иницијативата за суспензија на проектот, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Ваква штета не е докажана, а воедно на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните.

Гранд Скопје ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани, воедно потсетуваме и дека истиот ќе биде со 40% искористеност од максимално дозволените урбанистички параметри во актуелниот ДУП.

МГ Фешн, како општествено одговорна компанија, во рамки на овој комплекс предвидува и јавен простор со површина од 7.500м2 како донација кон градот и сите граѓани, а за чие идејно решение ќе биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар“.

МГ Фешн (ПР)

Текстот МГ Фешн: Легална е дозволата за градба спроти „Холидеј Ин“ е превземен од МАКФАКС.