МНР: Потпишувањето изјави со називот Република Македонија сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата

Министерството за надворешни работи изрази загриженост откако советниците од Левица во Штип и Аеродром потпишаа свечени изјави со називот Република Македонија. Од МНР повикуваат на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор и велат дека потпишувањето изјави со називот Република Македонија сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата.

Од Министерството потсетуваат дека од јануари 2019 година уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.

„Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија. Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на МНР.

Од таму упатија апел до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности и апел до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот, како што е наведено и во самата свечена изјава.

Текстот МНР: Потпишувањето изјави со називот Република Македонија сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата е превземен од МАКФАКС.