МОН ќе добие експертска поддршка од Естонија за развој на дигитализацијата во образованието

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска одржа состанок со делегација од Естонија, претставници од Секретаријатот за европски прашања и Амбасадата на САД на кој се разговараше за планираните активности во делот на дигитализацијата на образованието и развојот на дигиталните вештини, преку проект поддржан од Естонскиот центар за источно партнерство (ЕЦИП) и финансиран од Естонија и САД.

„Проектот којшто го започнува Секретаријатот за европски прашања, а е во насока на поддршка на дигитализацијата во Северна Македонија е дел од приоритетите на Владата за носење  европски вредности дома, меѓу кои и дигитализацијата на образованието. Министерството за образование и наука е мапирано како релевантно министерство за споделување искуства и информации, како и за состојбите во однос на дигитализација на процеси и услуги во образованието, со цел поефективно планирање и дефинирање на понатамошните активности на проектот“, велат од МОН.

Целта на проектот, како што додаваат, е да се споделат најдобри практитки и искуства од естонската дигитализација, а дел од активностите на проектот вклучуваат: обуки и менторство за релевантните државни службеници и институции во Северна Македонија, развој и имплементација на решение за е-управување и техничка поддршка и управување со промени.

Проектот ќе се спроведува во времетраење од 18 месеци, а почнува преку средби и заеднички работилници со претставници од релевантни институции и други чинители од Северна Македонија.

Текстот МОН ќе добие експертска поддршка од Естонија за развој на дигитализацијата во образованието е превземен од МАКФАКС.