Мора да се стави крај на говорот на омраза спрема Република Бугарија и бугарскиот народ

/

„Здружението на граѓани за промоција, издавање и меѓународна соработка “ДЕЛО” Скопје ја информира јавноста и забележува дека во овој чувствителен момент каде конечно треба да се стави крај на отворените прашања од кои зависи отпочнувањето на преговори за членство на Македонија со Европската унија, се повеќе се заострува говорот на омраза на поединци и групи кон Република Бугарија и бугарскиот народ.
Познато е дека одредени лица и центри на моќ имаат за цел да не дојде до решение на отворените прашања помеѓу Р.С.Македонија и Р.Бугарија, односно се стремат да иницираат оправдување за повторно вето, а сето тоа со цел да останеме надвор од прогресивниот и развиен западен свет, односно да бидеме во ќор сокак, без перспектива, изолирани и со нарушени односи со соседите, во случајов со Р.Бугарија.

Говорот на омраза кон Република Бугарија и бугарскиот народ не е од денес, истото е застапено години наназад, меѓутоа потребно е да се стави крај на таа појава за конечно воспоставување на хармонија во живеењето со нашите соседи и партнери.

Сведоци сме сите кога по повод сообраќајната несреќа во Р.Бугарија на автобусот на „Беса Транс“, одредено лице, бугарски државјанин изрази говор на омраза на социјалните мрежи кон нашите настрадани сограѓани, властите во Р.Бугарија за овој случај жестоко реагираа и лицето беше изведено пред органите на правдата.

Во таа насока Здружението “ДЕЛО“ Скопје, ги повикува сите надлежни државни институции: Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Комисијата за заштита од дискриминација и сите останати, по службена должност да превземаат итни и неодложни мерки за гонење на овој вид на говор на омраза.
Здружението “ДЕЛО“- Скопје, во рамки на својот проект „Стоп на говорот на омраза против Република Бугарија и Бугарскиот народ“ ќе биде тука за да ги алармира надлежните органи и ќе го пријавува говорот на омраза до истите.
Сакаме да ја информираме јавноста дека неодамна Здружението “ДЕЛО“ Скопје, до Основното јавно обвинителство-Скопје, поднесе кривична пријава против познато лице од јавниот живот во нашата земја, новинар и водител, кој во континуитет изразува говор на омраза кон Р.Бугарија и бугарскиот народ, како и против останати земји, пријатели и стратешки партнери на Р.С. Македонија.

Ги известуваме сите жртви на оваа појава дека можат да пријават говор на омраза тука, со цел да се стави крај на говорот на омраза насочен кон Р.Бугарија и бугарскиот народ.
Исто така, во името на пријателството и желбата за добра соработка, а од причина што активностите на Здружението “ДЕЛО“ Скопје се ограничени само на територијата на Р.С.Македонија, ги повикуваме и аплерираме до властите на Р.Бугарија, говорот на омраза насочен кон Р.С.Македонија и кон нејзините граѓани, исто така да го санкционираат доколку истото е предизвикано од нејзини граѓани“, се вели во соопштението на Здружението „ДЕЛО“.

Извор: Трибуна