МЗ: Сите донирани вакцини од Бугарија ќе ги аплицираме пред истекување на рокот

Сите донирани вакцини од Бугарија ќе ги аплицираме пред истекување на рокот на употреба, велат од Министерството за здравство, откако бугарската влада одобри донација на вакцини на Македонија, чиј рок истекува на 30 септември.

„Информираме дека согласно точните проекции за потребите за ревакцина со вакцината на „Фајзер“, како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност. Вакцините од производителот „Фајзер“ кои треба да пристигнат како донација од Република Бугарија ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите“, велат од МЗ.

Додаваат дека согласно договорот со Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена.

„Просекот на дневно аплицирани дози е околу 10.000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот „Фајзер“. Оттаму граѓаните може да бидат спокојни дека сите вакцини ќе бидат безбедни и со важечки рок во моментот на вакцинирање“, велат од Министерството.

Текстот МЗ: Сите донирани вакцини од Бугарија ќе ги аплицираме пред истекување на рокот е превземен од МАКФАКС.