Набаро: Ги разбираме протестите во Европа, но загрижени сме и од големиот број нови случаи на Ковид-19

Специјалниот пратеник на СЗО за Ковид-19, д-р Дејвид Набаро, изјави дека ги разбира протестите во Европа, но истовремено е загрижен поради големиот број случаи на заразени.

„Навистина сум многу загрижен за она што го гледам во Европа, вклучувајќи ја сега и Западна Европа, многуте случаи и брзината со која нивниот број се зголемува, што е навистина причина за загриженост“, изјави Набаро за „Скај њуз“.

Тој додава дека не е изненаден ниту од фактот што вирусот не исчезнува ниту од протестите бидејќи, според него, јавноста во толку многу земји веќе е презаситена од она што се случува.

„Јас како лице од јавното здравство морам да споделам со граѓаните на Обединетото Кралство и со вашите гледачи дека ќе мораме да продолжиме да се спротивставуваме на овој вирус и тоа ќе го сториме на начин што ќе го отежнеме ширењето на вирусот од едно на друго лице со носење маски за лице и избегнување вдишување воздух што другите го издишуваат“, рече Набаро.

Набаро на крајот напомена дека сите оние што ги исполнуваат условите треба веднаш да се вакцинираат бидејќи, според него, само на тој начин може да се заштитиме од количеството страдање и смртни случаи.

Текстот Набаро: Ги разбираме протестите во Европа, но загрижени сме и од големиот број нови случаи на Ковид-19 е превземен од МАКФАКС.