Научници од Оксфорд открија ген кој двојно го зголемува ризикот од смрт од Ковид-19

Научниците од Универзитетот Оксфорд открија ген кој го удвојува ризикот од откажување на белите дробови и смрт од ковид.

Имено, тие тврдат дека 60 отсто од луѓето од Јужна Азија и 15 отсто од луѓето со европско потекло имаат високоризична верзија на тој ген.

„ Вакцините се клучни и помагаат значително да се намалат овие ризици“, тврдат истражувачите.

Студијата објавена во научното списание „Нејчр џенетикс“ (Nature Genetics) делумно открива зошто некои заедници во Велика Британија и Јужна Азија се изложени на поголем ризик од Ковид-19, но тоа не го објаснува целосно.

Надоврзувајќи се на претходната генетска работа, истражувачите користеа комбинација на вештачка интелигенција и нова молекуларна технологија за да го лоцираат точниот ген – наречен LZTFL1 – одговорен за зголемени ризици.

Тие проценуваат дека верзијата на генот за ризик е присутна кај околу 2 отсто од луѓето со африканско-карипско потекло и 1,8 отсто од луѓето од источноазиско потекло.

Водечкиот истражувач, професорот Џејмс Дејвис, рече дека сложената комбинација на фактори, вклучувајќи ја особено возраста, придонесува за индивидуалниот ризик на секој човек и дека социо-економските фактори исто така веројатно ќе бидат важни во објаснувањето зошто некои заедници се особено тешко погодени од пандемијата.

„Иако не можеме да ја промениме нашата генетика, нашите резултати покажуваат дека луѓето со повисок ризик ген веројатно ќе имаат корист од вакцинацијата“, рече Дејвис.

Текстот Научници од Оксфорд открија ген кој двојно го зголемува ризикот од смрт од Ковид-19 е превземен од МАКФАКС.