Николоски: Очекувам најдоцна во четврток да се гласа за недоверба на Владата, можна е поддршка од над 61 пратеник

Во овој момент во Собранието се поднесува инцијатива за недоверба на Владата, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој потсети дека премиерот Заев пред осум дена најавил оставка, но сѐ уште не ја поднел.

„Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку, напротив, владее со измами и пазарења, а на сметка на најважните прашања за народот“, се вели во дел од образложението на интерпелацијата, која, како што рече Николоски, е поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и колицијата, пратениците на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Беса и Левицата, односно вкупно 61 потпис.

Очекуваме претседателот на Собранието во најкус можен рок да свика седница на која ќе се гласа за недоверба на Владата, посочи тој.

Николоски очекува гласањето да се одржи најдоцна в четврток, а информира дека се надеваат и на поддршка од повеќе од 61 пратеник бидејќи, како што рече, во тек се интензивни преговори и со уште неколку пратеници во парламентот.

Во однос на потписот на пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива, кој наводно одбил да соработува со Левицата, Николоски рече дека неговата изјава е јасна и не треба да се вади од контекст, односно дека тој ќе поддржи недоверба на Владата на СДСМ и ДУИ.

Во однос на составување нова влада, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа ќе се разговара по четврток по што ќе се знае дали има можност за нова влада или брзи предвремени избори.

Текстот Николоски: Очекувам најдоцна во четврток да се гласа за недоверба на Владата, можна е поддршка од над 61 пратеник е превземен од МАКФАКС.