Нова процедура за третман на заболување на хранопровод на Клиниката за гастроентерохепатологија

На Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија денес за прв пат беа изведени три интервенции на Радиофреквентна аблација кај пациенти кои страдаат од Баретов езофагус. Ова заболување се карактеризира со измена на нормалната лигавица во долната третина на хранопроводот која доколку соодветно не се третира може во одреден процент да доведе до карцином на хранопровод. Со Радиофреквентна аблација, која е ендоскопска техника, променетото ткиво се изложува на топлинска енергија со што се уништува променетото ткиво.

Проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија објасни дека воведувањето на новата метода носи големи придобивки за пациентите, како и заштеда за јавното здравство.

„Од сега пациентите ќе може да ги третираме во нашата земја, што за нив значи помали трошоци и побрзо добивање на потребната здравствена услуга, а за здравствениот систем е значајна заштеда, затоа што една ваква интервенција во странство чини и до 15.000 евра по интервенција, а во некои случаи е потребно е и повторување на интервенцијата. Значајно за Клиниката за гастроентерохепатологија е и тоа што има можност да стане регионален центар за овие интервенции, што може да даде значаен инпут во нејзината финансиска кондиција и можностите за понатамошен развој и унапредување на портфолиото на здравствените услуги“, истакна Гривчева Старделова.

Постапката се изведува во амбулантски услови од страна на гастроентеролог, а пациентот е под анестезија. Интервенциите денес ги направи светски познатиот гастроентерохепатолог д-р Иво Бошкоски, кој е по потекло од нашата држава, а работи на Католичкиот универзитет, во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим, во соработка со лекари од Клиниката за гастроентерохепатологија,.

„При изведување на оваа процедура се користи електрода монтирана на ендоскоп за да се испорача топлинска енергија директно до променетото ткиво на хранопроводот. Гастроентерологот бира соодветна електрода за процедурата, што зависи од должината и количината на Баретовиот хранопровод. Овој процес обично трае околу 10 минути и резултира со аблација на ткивото. Во период од шест до осум недели, ткиво кое е третирано се заменува со нормална слузница“, истакна д-р Бошкоски.

Баретов хранопровод настанува како компликација од долготрајна повторувачка гастроезофагеалена рефлуксна болест, односно оштетата на хранопроводот предизвикана од враќање на киселината од желудникот во хранопроводот. Со цел унапредување на третманот на оваа состојба на Клиниката за гастроентерохепатологија се воведува и уште една метода за мерење на pH во хранопроводот и неговото движење со што може да се обезбедат точни информации за присуство на рефлуксната болест. Континуираната 24-часовна pH-метрија е стандарден метод во гастроентерологијата кој овозможува директно и квантитативно мониторирање на киселинскиот рефлукс и дава показатели за одредување на соодветниот начин на третман.

Текстот Нова процедура за третман на заболување на хранопровод на Клиниката за гастроентерохепатологија е превземен од МАКФАКС.