Новиот албум на „AББА“ предизвика поделени реакции

Voyage, новиот студиски албум на „АББА“, прв по распадот на бендот пред околу четириесет години, доби и поволни и критички оценки.

Британскиот весник „Гардијан“ не е задоволен од албумот и дава само две ѕвезди за камбекот на шведскиот бенд. „Нема убаво носталгично чувство, музиката попрво предизвикува мачнина“, се вели во рецензијата, која беше позитивна за двата сингла од албумот, I Still Have Faith in You и Don’t Shut Me Down, кои се појавија претходно.

Исто и британскиот портал „Њу мјузикал експрес“ (NME) не е импресиониран од Voyage. „Музиката на албумот е помалку изненадувачка од самиот камбек“, пишува NME.

За разлика од британските рецензии, американскиот музички магазин „Ролинг стон“ искажа многу повеќе почит. Ова списание е полно со пофалби за новиот албум на шведските легенди, кои следната година ќе одржат серија концерти на кои ќе се појавуваат како холограми. Ова влијателно списание даде четири ѕвезди и ги пофали дека сè уште се подеднакво добри во правењето песни.

Што се однесува на фановите, кои едвај дочекаа да ги слушнат новите песни, нивните коментари на социјалните мрежи се исто така поделени.

Додека некои беа воодушевени, на други не им се допадна толку албумот, а своето мислење го споделија на социјалните мрежи.

“Звучи како промашување. Ништо посбно,” напиша еден корисник.

„Набрзина го преслушав нивниот нов албум на Јутјуб. Многу е разочарувачки за разлика од класиците на кои сме навикнати од нив.“ Ништо повеќе од проект на суета што тргнал наопаку, каква штета,“ напиша друг.

„Океј, на сите ни е мило што се врати AББА и прекрасно е да се слуша нова музика од нив, но мора да признаеме: Voyage не е баш добар.“

„Како некој што платил однапред за да ги гледа АББА на концерт следното лето, жал ми е што морам да кажам дека новиот албум е шокантно лош“.

За потсетување, Voyage беше објавен на веб-страницата на бендот во четвртокот на полноќ во различни временски зони.

Покрај албумот со 10 песни, шведските легенди ќе претстават и дигитални аватари, т.н. „AББАтари“, на концертот во Лондон во мај.

 

Текстот Новиот албум на „AББА“ предизвика поделени реакции е превземен од МАКФАКС.