Новиот филм на Кристофер Нолан би можел да биде последен од ваков вид

Амбициозните проекти на култниот режисер Кристофер Нолан честопати изгледаа како прецизно осмислени и одлично режирани, но исклучително скапи проекти, кои понекогаш се граничеа со уметничка мегаломанија, а во исто време постигнуваа огромен успех на киноблагајните.

Неговиот следен филм, историска драма за т.н. уништувач на светови, физичарот Џ. Роберт Опенхајмер, и создавањето на атомската бомба, барем на хартија, не изгледа како блокбастер со астрономски буџет, чија примарна цел е да ја донесе публиката во киносалите и да заработи стотици милиони долари.

Сепак, ќе мора да стане таков бидејќи и покрај големите имиња, овој тип на филм станува загрозен вид, како што го нарече „Вараети“.

Кога 100 милиони не се 100 милиони – имено, првичниот буџет е поставен на 100 милиони долари, но на крајот би можел да чини над 200 милиони, а потоа да заработи двојно повеќе пари за да ги убеди челниците на големите студија во профитабилноста на ваквите проекти.

Вистинска реткост е некое студио да потроши повеќе од сто милиони долари на проекти, кои или не се дел од докажано успешен серијал или не изгледаат како потенцијален серијал што ќе ги врати инвестициите повеќекратно. Реално, пандемијата само неизбежно го забрза она што веќе почна да се случува – големо преместување филмови со среден буџет кон стриминг-услугите. Дури и режисерите, како Скорсезе или Финчер, беа принидени да ги остваруваат своите уметнички ескапади во склоп на „Нетфликс“.

Гледајќи го од перспектива на самите студија, правењето скапи филмови, кои тешко враќаат или воопшто не враќаат, едноставно не е исплатливо.

Потегот на „Јуниверзал пикчрс“ е извонредно храбар бидејќи се потпира на надежта дека добар режисер и добар проект сепак може да ја доведат публиката во киносала за да гледа нешто без суперхерои.

Килијан Марфи ќе го толкува главниот лик, таткото на атомската бомба, во „Опенхајмер“.

Текстот Новиот филм на Кристофер Нолан би можел да биде последен од ваков вид е превземен од МАКФАКС.