Обвинение против гостиварец кој со нож ги нападнал својата сопруга и ќерката

Гостиварското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 59-годишен жител на селото Форино за кого постои сомнение дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста.

Тој е обвинет дека на 29 мај минатата година, при вршење семејно насилство, ја загрозил сигурноста на својата сопруга и својата ќерка.

Најпрвин, по расправија, тој се заканил дека ќе ја убие сопругата, која за да се спаси, заедно со малолетната ќерка, заминала да се скрие кај роднина.

Обвинетиот ги следел, по што продолжил со нож да се заканува на сопругата и на ќерката, која се обидела да ја одбрани мајката. Двете успеале да се одбранат од насилникот и го пријавиле во полиција.

Следниот ден, на 30 мај 2020 година, полицијата извршила претрес во домот на обвинетиот, каде што пронашла бајонет со сечиво од 30 сантиметри, како и неколку куршуми, па против него е поднесено и обвинение за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.​

Текстот Обвинение против гостиварец кој со нож ги нападнал својата сопруга и ќерката е превземен од МАКФАКС.