Османи – Шаленберг: Македонија и Албанија веднаш и без одложување да ги почнат преговорите со ЕУ

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи му беше домаќин на сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александар Шаленберг, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.

Во пресрет на стратешката дебата на ЕУ за Западниот Балкан, закажана за следната седмица во Брисел, како и претстојните јунски совети на ЕУ, во фокус на разговорите беше европското досие на нашата држава. Министрите се согласија дека нужно потребно е да се забрза пристапниот процес на сите земји од Западен Балкан, а особено да дојде до заслуженото отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со што ќе се испрати силна порака дека Европската унија ја смета интеграцијата на регионот за приоритетно прашање од геостратешки и безбедносен интерес, информираат од кабинетот на Османи.

“Aвстрија ни е стратешки партнер, заради конзистентноста на поддршката што ја дава за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија и посебно за Република Северна Македонија. Tаа конзистентност низ годините се манифестира и во Брисел, и во Скопје, еве вчера и во Софија. За тоа сме благодарни, бидејќи да се има еден пријател како Австрија овде, во непосредното соседство на Западниот Балкан, е исклучително важно” истакна Османи.

На разговорите станало збор и за продлабочување на развиената економска соработка меѓу двете држави. Со оглед дека Австрија е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава, Османи изразил очекување дека бројот на австриски директни инвестиции во Северна Македонија ќе продолжи да расте во периодот што претстои. Двајцата министри се заложиле двете земји посветено да работат на приближување на бизнисите и зголемување на трговската размена, при што директната соработка на стопанските комори од нашата држава со Австриската стопанска комора е од огромно значење.

Соговорниците се осврнале и на политичко-економските реперкусии, предизвикани од руската воена агресија врз Украина, при што обединетоста на Европа, како и соработката преку Партнерството за мир на Австрија со НАТО, е исклучително важно за надминување на актуелните геополитички и безбедносни предизвици.

На средбата биле разменети мислења и во врска со мултилатералната соработка, со акцент на идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Текстот Османи – Шаленберг: Македонија и Албанија веднаш и без одложување да ги почнат преговорите со ЕУ е превземен од МАКФАКС.