Оставајќи ги настрана суеверијата, Дензел Вашингтон реши да го портретира Магбет

Дензел Вашингтон го толкува еден од најпознатите ликови на Вилијам Шекспир во „Трагедијата на Магбет“, нова адаптација на драмата стара 400 години за која оскаровецот вели дека никогаш претходно не ја гледал во театар.

Тој ја игра насловната улога во црно-белата филмска верзија на Џоел Коен – трагична сторија за шкотски генерал кој, поттикнат од неговата сопруга, извршува убиство за да дојде до тронот.

Оскаровката Френсис Мекдорманд ја игра Лејди Магбет во филмот налик на театарска сцена.

„Тоа се случи како што сакаше судбината, никогаш не сум ја гледал во театар. Не ја избегнував. Едноставно не сум ја гледал“, изјави Дензел во интервју за „Ројтерс“.

„Имав среќа што Џоел и Френ и јас се собравме речиси една година пред снимањето и почнавме да читаме сцени заедно. Моравме да навлеземе во материјалот, да глумиме по малку и да поставуваме прашања… и да видиме како ќе работиме заедно“.

Од Питер О’Тул и Ијан Мекелен до Џејмс Мекевој и Мајкл Фасбендер, долга листа на актери ја играа главната улога во „Магбет“, драмата за која се верува дека првпат бил изведена во раните 1600-ти.

„Тоа е притисок. Можете ли да си замислите – некој доаѓа и ви вели: Oва е одлична претстава веќе 400 години. Немој да зафркнеш. Со среќа“, се пошегува Дензел, кој претходно глумеше во продукција на Шекспировиот „Отело“.

Позната како шкотска драма, „Магбет“ е опкружена со суеверие, нешто на што Вашингтон рече дека не обрнувал многу внимание. „Списокот е предолг… Секој ден има по некоја работа што не треба да ја правите или нешто слично.“

Трагедијата на Магбет, која доби одлични рецензии од критичарите, ќе почне да се емитува од петок (14 јануари) на „Епл ТВ-плус“.

Текстот Оставајќи ги настрана суеверијата, Дензел Вашингтон реши да го портретира Магбет е превземен од МАКФАКС.