„Ова е тажно“ – израелската министерка во инвалидска количка не можеше да влезе на самитот во Глазгов

Израелската министерка Карин Елхарар, која користи инвалидска количка, вчера не можеше да присуствува на самитот за климата во Глазгов, бидејќи пристапот до местото на конференцијата не беше достапен за инвалидски колички.

Елхарарова на својот Твитер напиша дека „тажно е што ОН не обезбедуваат пристап до нивните настани“.

Оваа функционерка во делегацијата на израелскиот премиер Нафтали Бенет потврди дека е испратена официјална нота до организаторите на самитот, а премиерот Бенет најави дека нема да присуствува на денешните настани доколку Елхарар не може да присуствува на самитот.

Британскиот амбасадор во Израел Нил Виган на својот твитер-профил напиша дека „длабоко и искрено“ и се извинува на министерката.

„Сакаме самит на кој сите се добредојдени и отворени за сите“, напиша тој.

Текстот „Ова е тажно“ – израелската министерка во инвалидска количка не можеше да влезе на самитот во Глазгов е превземен од МАКФАКС.