Партнерите не нè разбраа за историскиот спор, па сега акцентот го ставивме на човековите права, вели Ташев од Бугарската академија на науките

Во оваа форма, Мешовитата историска комисија е излишна и јас лично не ја гледам смислата на нејзиното постоење или продолжување на активностите во овој формат. Ова за „Њуз.бг“ го изјави Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН), по повод работата на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања, македонските Бугари и евроатлантскиот излез на Македонија.

Тој експлицитно појасни дека не предлага распуштање на комисијата, туку да се преиспитаат нејзините активности и да се фокусира на промовирање на неспорните факти, кои се прифатени од Бугарија и Северна Македонија во општите публикации. Според него, може да се заклучи дека комисијата не дава резултати, а причина за тоа е, како што вели, непромислената идеја за нејзино формирање.

„Ако треба да го погледнеме постоењето на спорните прашања, такви имало меѓу Грција и С.Македонија. Грција не дозволи ништо да пропушти на оваа тема, а Бугарија зазеде поинаков пристап, сметајќи дека за сите спорни прашања треба да се разговара билатерално и врз основа на дискусии да се најде заедничко решение“, рече Ташев.

Тој посочи дека дискусиите во комисијата биле непродуктивни и не се водат записници од состаноците. Што и да се истакне, но и какви одлуки да се донесат, тоа не се почитува од скопската страна и генерално се враќаме на нашата почетна точка, рече Ташев.

Тој е на став дека доколку дебатите во комисијата привремено се замрзнат и двете страни почнат со архивски активности со објавување на документи за спорните историски личности – тоа веќе ќе биде основа за дебата.  Ташев истакна дека е многу тешко да се одговори дали може да се решат спорните прашања околу Гоце Делчев, Цар Самоил и браќата Миладиновци. Денешните македонски историчари, кои се школуваа во поранешна Југославија, вели Ташев, многу тешко ќе се откажат од своите позиции врз основа на кои ги добија научните и академските дипломи.

Според него, нема желба од страна на научниците и историчарите на Северна Македонија да променат некоја нивна акција.

Ташев истакна дека генерално Бугарија е влезена во нова фаза во својата политика кон Македонија.

„Досега акцентот во нашата политика беше ставен на историјата и не обрнувавме многу внимание на сегашноста. Поради оваа причина, бугарските аргументи не беа разбрани од европските и американските партнери. Претседателот Румен Радев прв го постави прашањето дека треба да се смени акцентот и тој да се стави на човековите права. Шефот на државата го постави прашањето за тоа што Бугарите во Република Македонија се маргинализирани, прогонувани и нерамноправни“, вели Ташев.

Ташев повика во никој случај да не се користи зборот „бугарско малцинство“, тврдејќи дека во последниот официјален попис на Отоманската империја во 1912 година, Бугарите на сегашната територија на Северна Македонија не се малцинство, туку 54 проценти, односно мнозинство .

Тој посочи дека формулата „ делот на бугарскиот народ што живее на територијата на Северна Македонија“ е подеднакво прифатлива и за Софија и за Скопје, никого не навредува и е добра основа врз која би се граделе билатералните односи.

Ташев смета дека доколку Бугарија ги презентира тезите и фактите какви што се пред нивните европски партнери, тогаш ќе бидат сведоци на притисок, но тоа нема да биде притисок врз Софија, туку врз Скопје за, како што вели, говор на омраза и расчистување на историјата.

„Ако тоа се случи меѓу РСМ и Бугарија, тогаш ќе видиме процес на брза демократизација на Скопје . Тогаш ќе се отвори патот на РСМ кон Европската Унија“, изјави доц.Ташев.

Текстот Партнерите не нè разбраа за историскиот спор, па сега акцентот го ставивме на човековите права, вели Ташев од Бугарската академија на науките е превземен од МАКФАКС.