Петровска по повод тридеценискиот јубилеј на Армијата: Носењето униформа и дневната политика не одат заедно

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се обрати на научно-стручна трибина по повод тридеценискиот јубилеј на Армијата, со наслов: „Три децении Армија – Три децении воено образование – научени лекции, реалност и перспективи“, во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

Министерката ја истакна потребата од приспособување на програмите за едукација и обука на кадар со цел оспособување лидери подготвени да се справат со предизвиците и безбедносното опкружување во 21 век. Петровска порача дека треба да се посвети особено внимание на обуката за лидерство и менаџмент.

Во своето обраќање министерката се осврна и на регионалната и меѓународна компонента на Воената академија и нејзините активности за што говори и фактот што на Академијата во континуитет повеќе од една деценија студираат питомци, освен од Северна Македонија, и од Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Косово.

Нагласи дека носењето униформа и дневната политика не одат заедно и дека е подготвена во таа заложба да биде нивен сојузник.

На трибината свои обраќања имаа и деканот на Воената академија, Митко Богданоски, и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски.

Деканот Богданоски ја истакна клучната улога на Воената академија за унапредување на одбранбениот сектор во изминатите три децении и придонесот за регионалната соработка, а укажа на соработката со другите високообразовни институции. Богданоски упати благодарност за соработката и силната поддршка од Министерството за одбрана и Армијата.

Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, ја истакна важноста на Воената академија во развојот на вооружените сили и ја промовира монографијата на првиот министер за одбрана, професорот Трајан Гоцевски, за која спомена дека го опишува сè она што се случуваше во изминатите 30 години во одбраната и Армијата.

Текстот Петровска по повод тридеценискиот јубилеј на Армијата: Носењето униформа и дневната политика не одат заедно е превземен од МАКФАКС.