Плевнелиев: Кавга меѓу браќа се чини најтешка за решавање, но ќе најдеме излез

/

Во интеврјуто за ,,360 степени” Росен Плевнелиев дава свое согледување за проблемите во односите меѓу двете земји кои, според него, може да се решат единствено низ дијалог, преземање јасни чекори и мерки, а не со притисокот од САД и ЕУ кон Бугарија.

„Многу е важно нашите пријатели во Република Северна Македонија и нашите браќа да разберат – да, ние сме како браќа и како браќа се сме се скарале во моментот. Понекогаш таква караница меѓу браќа, се чини, најтешка за решавање и таа ќе се реши, не со притисок од надвор, туку ќе се реши меѓу нас – кога ќе седнеме и чесно ќе постигнеме резултати, така што, двете страни ќе се убедат дека прашањата се решаваат. САД ќе продолжат со притисокот врз Бугарија зашто во Скопје веруваат дека САД се стратешки партнер. Но, САД се стратешки партнер и на Бугарија и не заборавајте дека Бугарија за милијарда долари купува американски авиони, Бугарија направи гасоводи за милијарди за американскиот гас да може да стигне до Европа. Така што, само со притисок од САД или од ЕУ, каде – да, Република Северна Македонија наидува на разбирање, а од каде Бугарија добива јасни сигнали дека треба да се постигне решение, но Бугарија е членка на ЕУ“, вели Плевнелиев.

Според него, решението е елементарно и тоа нема да дојде со притисок. Како пример ги користи односите што земјава ги имаше со Грција и состојбата на „замрзнат конфликт“ поради прашањето за името.

„Ако погледнете во минатото, пред повеќе од 25 години, лидерите во Скопје имаа можност да изберат дали да се конфронтираат со Грција, која е членка на ЕУ и НАТО, или да се потрудат со неа да најдат решение за проблемите. Тие ја избраа конфронтацијата и тоа фатално ја забави интеграцијата на Република Северна Македонија во европската заедница. 25 години подоцна, фала му на Бога, беше постигнато решение. Сега ја имаме истата ситуација, овојпат лидерите во Република Северна Македонија треба да решат – дали ќе одат на конфронтација со друга земја членка на ЕУ и НАТО, или ќе се бара решение, дијалог, разбирање, соработка… Решението е во соработката. Што треба да се направи? Многу е едноставно – направете го она што веќе го сторија во Албанија и ќе нема кој да ве спречи. За разлика од Република Северна Македонија, Албанија изврши чесно пребројување (попис н.з.),се видоа сите малцински групи, се појави бугарско национално малцинство, кое си ги оствари своите права и ние не можеме ништо да кажеме зашто европските вредности беа испочитувани. Република Албанија направи и реформи, ги промени учебниците, ја кажа вистината за идеологијата на комунистичкиот режим, потпиша договори за добрососедство кои функционираат. Од таа гледна точка, само со притисок и лобирање – тоа не е добар пат да се решат проблемите меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Треба дејствување од Скопје и резултати. Тоа ќе ја отклучи портата, независно кој е на власт во Бугарија“, изјави Плевнелиев за ,,360 степени”.