Подгорица потврди: Патријархот Порфириј беше во опасност во Цетиње

Потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, изјави дека постои голема безбедносна закана за патријархот.

„Истрагата ќе ги утврди деталите и фактите за безбедносните закани за време на устоличувањето на митрополитот Јоаники во Цетиње“, изјави Абазовиќ, додавајќи дека постоела голема безбедносна закана за поглаварот на СПЦ, што и самиот патријарх го потврдил со својата изјава.

Абазовиќ изјавил дека нема случаи на непослушност во безбедносниот сектор, но дека има случаи на одредени емоционални флуктуации кај некои луѓе. Безбедносниот сектор функционираше беспрекорно, тврди вицепремиерот на Црна Гора.

„Не дозволувам никој да обвинува луѓе за нешто што не им припаѓа. Секој што ќе одбие каква било задача ќе биде суспендиран”, рече Абазовиќ.

Тој посочи дека патријархот на Српската православна црква, Порфириј, е заштитена личност и обврска на полицијата е да го држи што подалеку од опасностите.

„Не сме горди на употребата на солзавец, но недостига дијалог и политичка култура“, рече Абазовиќ.

Тој, исто така, рече дека државата не е таму за да утврди во која црква некој може да изврши верски обред, туку дека нејзината задача е да ги заштити уставните права.

Говорејќи за односите меѓу Црна Гора и Србија, Абазовиќ рече дека нивната заложба е да имаат многу поголема доверба, соработка и порелаксирани односи со Србија отколку што се сега.

Текстот Подгорица потврди: Патријархот Порфириј беше во опасност во Цетиње е превземен од МАКФАКС.