Повик за 24-часовен светски маратон за снимање едноминутни филмови

Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал” ги повикува сите заинтересирани студенти на филмските универзитети во земјава, основци и средношколци, филмски аматери и ентузијасти да се пријават за учество на најголемиот светски натпревар за правење кратки филмови во живо. Станува збор за натпревар кој потекнува од Унгарија, каде ќе се случува отворањето, објавувањето на резултатите и другите програми на Универзитет во Печ, Сексзард. Учесниците на натпреварот имаат само еден ден, 24 часа, да го снимат својот филм од 60 секунди на тема „Водата е живот“. Целта е да се подигне свеста за промените што сите треба да ги правиме на дневна основа во нашите навики за консумирање. Пријавувањето може да се направи до почетокот на натпреварот на официјалната страна на програмата www.shoot4earth.org.

Почеток на натпреварот за снимање филмови е сабота, 19 март 2022 година. Организаторите ќе соопштат уште неколку детали во моментот на почетокот во сите различни временски зони. Од овие задолжителни елементи еден мора да биде вграден во филмот. Забрането е претходно снимање на филмот. Во случај да има дијалог во филмот, тој мора да биде титлуван на англиски јазик. Филмовите треба да се прикачат на „Јутјуб“. Сите информации дадени во моментот на регистрација, плус линкот на Youtube ќе треба да се испратат по е-пошта на официјалната адреса info@shoot4earth.org. Најдобрите ќе добијат парична награда во износ од 5000 американски долари, како и дополнителни непарични награди.

Екипата може да има само еден или повеќе членови. Учесниците треба да создадат краток филм со времетраење од максимум една минута за да ја подигнат свеста за тоа што можеме да направиме за да ја спасиме нашата животна средина. Нема претпочитан жанр, па учесниците може да снимат краток филм во живо, видеоклип или анимација за време на 24-часовниот маратон.

Конкурсот на интернет е отворен за сите заинтересирани, без партиципација, без старосни и технички ограничувања. Филмовите може да се направат со дигитална камера, мобилен телефон или која било направа за снимање. За време на постпродукцијата може да се користат сите соодветни програми.

Краен рок за прикачување на филмовите е недела, 20 март 2022 година. Филмовите ќе ги оценува професионално жири кое ќе ги објави резултатите најдоцна до 22 март 2022 година. Весна Ристовска од „Мобил фестивал“ од Македонија ќе биде дел од меѓународното жири.

Организатори на овој натпревар се Универзитет во Печ, Факултет за културни науки, образование и регионален развој (Сексзард, Унгарија), HATV (САД, Њујорк) и Pixeltv.hu (Унгарија).

Текстот Повик за 24-часовен светски маратон за снимање едноминутни филмови е превземен од МАКФАКС.