Премиерот Заев прими делегација бизнисмени и градоначалници од Полска

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска прими поголема делегација претставници на бизнис-заедницата на Полска, како и делегација од градоначалници од оваа земја.

Претседателот на Владата, Заев, нагласи дека традиционалното пријателство меѓу двете земји се рефлектира и во економската соработка за што сведочи и вредноста на вкупната трговска размена, која оваа година се предвидува да достигне рекордни 300 милиони евра.

„Граѓаните на Република Северна Македонија особено му се благодарни на народот на Полска, кои Северна Македонија ја имаат поставено високо на листата за туристички посети, што е особено значајно оваа година поради ограничувањата на патувањата што ги наметна пандемијата на Ковид-19“, рече Заев.

Тој уште ги запозна полските деловни луѓе со предностите и поволностите за инвестирање во нашата земја со посебен акцент на даночните и други олеснувања, кои може да достигнат и до 50 % од вкупната вредност на инвестицијата.

Бизнисмените од Полска покажаа интерес за поволностите од Законот за стратешките инвестиции и за можностите за инвестирање во енергетски капацитети од обновливи извори, како што се фотоволтаичните и ветерните електроцентрали.

На средбата стана збор и за соработката помеѓу единиците на локалната самоуправа, особено во делот на збратимување меѓу општините на двете земји како добра основа за поврзување на малите и средните претпријатија од локалните заедници, каде што има голем потенцијал за поврзување и соработка.

Текстот Премиерот Заев прими делегација бизнисмени и градоначалници од Полска е превземен од МАКФАКС.