Претседателот на ИОЦ тврди дека Пенг Шуаи е слободна

Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ), Томас Бах вели дека не постои загриженост за безбедноста на кинеската тенисерка Пенг Шуаи, оценувајќи дека таа е слободна да се движи во Кина и дека ќе се сретне со неа во текот на Зимската Олимпијада во Пекинг.

Пенг минатата година во контроверзна објава на кинеските социјални мрежи го обвини поранешниот кинески вице-премиер за сексуален напад, по што во западните медиуми почна кампања за „ослободување“ на Пенг по шпекулациите дека таа е во домашен притвор во Пекинг. Контроверзите предизвикаа ВТА турнејата да ги суспендира сите турнири во Кина, но Бах, еден од ретките кои лично разговарал со Пенг во последните месеци, вели дека ситуацијата е „смирена“.

„Според нејзините објаснувања во видео-разговорите, таа живее во Пекинг, може да се движи слободно и го поминува времето со семејството и пријателите. Ќе дознам повеќе за нејзината физичка и ментална состојба кога конечно ќе се сретнеме во живо“, изјави претседателот на ИОЦ, Томас Бах.

Текстот Претседателот на ИОЦ тврди дека Пенг Шуаи е слободна е превземен од МАКФАКС.