Претставена новата влада на Авганистан, ќе ја води човек кој е на терористичката листа на ОН

Талибанците денеска ја претставија новата влада, предводена од мула Мохамад Хасан Ахунд, пренесе Радио Слободна Европа.

Тој беше министер за надворешни работи и вицепремиер за време на претходното владеење на талибанците, од 1996 до 2001 година. Ахнуд е на терористичката листа на ОН од 2001 година, каде се опишува како еден од најефикасните талибански команданти.

Врховен лидер ќе биде Мавлави Хајибатула Ахунџада, кој претходно беше назначен за лидер на талибанците. Тој ќе го има последниот збор за политички, верски и воени прашања во раководната структура.

Портпаролот на талибанците, Ахмадула Масик потврдил за Би -би -си дека земјата отсега треба се нарекува Исламски емират Авганистан, име што го користеа талибанците во текот на своето, главно непризнаено владеење, од 1996 до 2001 година.

Мавлави Амир Кан Мутаќи ќе биде министер за надворешни работи.

Портпаролот Забихула Муџахид на прес-конференција рече дека коосновачот на талибанците Абдул Гани Барадар ќе биде вицепремиер, пренесе АФП.

Барадар беше ослободен од пакистански затвор во 2018 година по наредба на САД, по директните разговори меѓу милитантите и Вашингтон, што на крајот доведе до договорот за повлекување постигнат на почетокот на минатата година.

Мула Мохамад Јакуб, син на поранешниот талибански духовен водач мула Мохамад Омар, е назначен за министер за одбрана.

Засега, сите номинирани ќе служат како вршители на должноста, посочи Муџахид на конференцијата.

Талибанците претходно ветија инклузивна влада, која ќе го претставува сложениот етнички состав на Авганистан, иако е малку веројатно дека ќе има жена во неа.

Текстот Претставена новата влада на Авганистан, ќе ја води човек кој е на терористичката листа на ОН е превземен од МАКФАКС.