Принцезата од Монако: Зошто ја нарекуваат најтажната принцеза на светот и „жена без насмевка“

Принцезата Шарлин од Монако ја прати глас на најтажна принцеза на светот, а причината за оваа нималку ласкава титула е што ретко кога можеме да ја видиме 43-годишната насмеана на фотографии.

Набргу откако со бракот со принцот Алберт стана членка на владејачката династија Грималди, поранешната пливачка по потекло од Јужна Африка важеше за несреќна убавица чија илузија за дворски живот ја разби наводното неверство на нејзиниот сопруг.

Во моментов, шпекулациите за развод стануваат сè погласни, а откако таа не пристигна во кнежеството дури и за јубилејната 10-годишнина од нивниот брак, многумина се убедени дека принцезата нема да се врати.
Медиумите пишуваат дека последен пат била дома во јануари.

Сепак, принцот Алберт ги негира ваквите шпекулации.

„Таа не замина затоа што беше лута на мене или на некој друг. Таа отиде таму за да ја преиспита работата на нејзината фондација и одвои малку слободно време за да го помине со својот брат и пријателите. Требаше да замине само една недела, но мораше да остане поради тешка инфекција и компликации“, изјави принцот Алберт за магазинот „Пипл“, иако таквото објаснување не звучи убедливо.

Шарлин плачеше на нејзината венчавка во 2011 година и многумина веруваа дека тоа не се солзи радосници, туку излив на тага. Двојката беше 11 години во врска пред тоа и речиси на сите им е познато дека невестата била принудена на брак со цел да обезбеди наследници на кнежеството Монако.

Имено, Алберт има две вонбрачни деца со две жени, ќерка Џазмин Грејс родена 1992 година и син Александар Коста роден 2003 година, кои не можат да го наследат престолот бидејќи се родени надвор од брак.

Во 2014 година принцезата ги роди близнаците Габриела и Жак, и иако девојчето е две минути постаро од нејзиниот брат, тој ќе го наследи својот татко на престолот бидејќи во Монако предност имаат машките потомци.

Покрај официјалните, на нејзиниот Инстаграм може да се најдат фотографии каде седумгодишниците уживаат во активности типични за нивната возраст. Според многумина, тие се меѓу ретките што можат да вратат трошка среќа на лицето на „жената без насмевка“.

Текстот Принцезата од Монако: Зошто ја нарекуваат најтажната принцеза на светот и „жена без насмевка“ е превземен од МАКФАКС.