Регистриран е втор случај на индискиот сој во земјава, Филипче вели дека нема место за паника

/

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека индискиот сој на Ковид-19 е потврден кај уште еден пациент во државата. Пациентот се лекувал во приватна болница, а неговата состојба е под контрола.

– Станува збор за колега на првооткриениот случај со овој мутиран сој кај нас кој беше регистриран на 7 јуни. И двајцата биле на работа во Ирак. Со истиот лет се вратиле во земјава, но кај вториот пациент симптоми се појавиле подоцна. Состојбата е под контрола и овој пациент не е ризик, изјави денеска Филипче по посетата на Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи дека засега епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки.

Според министерот Филипче, сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот.

– Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов во Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини, рече Филипче.