РЕК Битола не произведува струја

Поради нова хаварија која се случила рано изутринава, во термоелктраната РЕК Битола во моментот не се произведува струја.

„Заради дефект во котелот на Блок 1 за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот Блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата“, се наведува во соопштение на ЕСМ.

Од таму нагласуваат дека станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скината цевка што се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен на мрежа.

Претходно, поради хаварија во РЕК надвор од функција беа вториот и третиот блок поради што производството беше потпрено само на еден блок, но во моментот и тој не работи.

„Се работи и на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава“, објаснуваат во денешното соопштение од ЕСМ.

Пред два дена во РЕК Битола избувна пожар кој направи сериозни оштетувањана трансформаторот на Блок 3. Тогаш беше соопштено дека штетата е од поголеми размери и дека Блок 3 одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем.

Во меѓувреме, од ЕСМ велат дека потребите се задоволуваат од останатите капацитети, како и со набавена електрична енергија, како резерва при вакви куси испади.

Текстот РЕК Битола не произведува струја е превземен од МАКФАКС.