Рекордно загадување на воздухот по фестивалот на светлината во Њу Делхи

Индексот на квалитетот на воздухот во Њу Делхи се искачи на 451 на скала од 500, што е максимум забележан годинава и укажува на сериозни состојби кои можат да погодат и здрави луѓе, а особено оние со веќе постоечки болести.

Жителите на Њу Делхи, ден по Дивали –  хинду фестивал на светлината, се разбудија под „ќебето“ на отровниот смог, вдишувајќи го најопасниот воздух досега оваа година.

Имено, граѓаните на Њу Делхи, кој има најлош квалитет на воздухот од сите светски метрополи, ниту годинава не се придржуваа на забраната за пукање огномети и петарди за време на прославата на светлосниот фестивал, пренесе „Ројтерс“.

Во Делхи, град со речиси 20 милиони луѓе, индексот на PM2,5 денес во просек изнесуваше 706 микрограми, додека Светската здравствена организација смета дека сè што е над годишниот просек од 5 микрограми е небезбедно.

ПМ2,5 во воздухот може да предизвика кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како што е ракот на белите дробови, наведува „Ројтерс“ и додава дека во Индија отровниот воздух убива повеќе од милион луѓе годишно.

Секоја година владата или Врховниот суд на Индија забрануваат петарди, но се чини дека забраните ретко се применуваат.

Работите да бидат уште полоши, Дивали паѓа во време кога земјоделците во соседните држави Пенџаб и Харјана во Делхи ги палат стрништата оставени по жетвата за да ги подготват своите ниви за следната жетва.

Текстот Рекордно загадување на воздухот по фестивалот на светлината во Њу Делхи е превземен од МАКФАКС.