Роднини и пријатели од Македонија пристигнаа пред болницата во Бугарија во која се сместени преживеаните

Пред болницата „Пирогов“ се’ уште пристигнуваат роднини и пријатели на патниците од автобусoт што изгоре на автопатот Струма.

Шабан Рашитовски нема роднини меѓу жртвите, но четворица од патниците се негови соседи. Штом дознал за трагедијата, заминал во Софија да помогне:

„Јас сум од Скопје, овде во болница се четворица од моето село и затоа дојдов да помогнам колку што можам. Ако им треба, затоа сме тука, ќе им обезбедиме се. Двајца мажи, едно девојче и една жена – две семејства. Не сум разговарал со нив. Луѓето се во шок, прашањата се непотребни. Отишле на шопинг во Истанбул. Се јавила 16-годишната девојка да каже дека се случила несреќа. Голема трагедија за сите, тежок ден. Но, ние мора да си помагаме едни на други“, вели тој, пренесе БНР.

Во медицинската установа се сместени седум лица кои ја преживеаја несреќата.

Претходно денеска пред превозникот „Беса транс“ беа собрани повеќе роднини на лицата што биле во автобусот. Еден од роднините рече дека утринава на „Фејсбук“ дознале за несреќата. Тие бараат одговори за најблиските и од агенцијата и од институциите.

„Мојот братучед беше во автобусот. Немаме никаква информација ниту, пак, некој ни се јавува. Информацијата за трагедијата ја дознавме од ‘Фејсбук’ околу 6 часот утринава. Ова не е во ред. Знаат да организираат кога треба да се прошетаат луѓе, а сега кога е најтрагично, ги нема. Ги замолувам институциите да ни кажат информации, барем за преживеаните“, изјави тој.

Беким Алити, сопруг на една од патничките во автобусот, изјави дека се уште нема информации дали неговата сопруга е жива. Рече дека го видел списокот со имињата на патниците во автобусот, но не знае кои се живи, а кои не.

Во автобусот имало 53 лица, од кои 46 го загубија животот.

Текстот Роднини и пријатели од Македонија пристигнаа пред болницата во Бугарија во која се сместени преживеаните е превземен од МАКФАКС.