Русија и Кина објавија заедничка изјава против ширењето на НАТО и независноста на Тајван

Русија и Кина денеска со соопштение го повикаа НАТО да го запре ширењето на исток, а Москва нагласи дека ја поддржува позицијата на Пекинг за Тајван и се противи на независноста на таа островска држава во која било форма.

Заедничката изјава, која вклучува жестоки критики за САД, е објавена за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина по повод Зимските олимписки игри. Кремљ објави дека Путин и кинескиот претседател Кси Џинпинг имале топли и значајни разговори во Пекинг, а односите меѓу двете земји ги опиша како напредно партнерство од посебен карактер.

По тој повод Путин го претстави новиот договор за испорака на природен гас за Кина, што е нов показател за продлабочување на односите меѓу двете соседни земји во време на растечки тензии со западот.

„Руската страна ја повторува својата поддршка за кинеската политика, потврдува дека Тајван е составен дел на Кина и се противи на секаков облик на негова независност“, се вели во соопштението.

Москва и Пекинг изразиле загриженост за „напредокот на американскиот план за развој на глобален систем за противракетна одбрана и потоа негово распоредување во различни региони во светот“ и посочиче дека се противат на понатамошното проширување на НАТО кон исток, барајќи од Алијансата да се откаже од своjoт „идеолошки пристап од времето на Студената војна“.

Запирање на проширувањето на НАТО во соседството на Русија е главното барање на Кремљ во спорот со западот околу Украина. САД ја отфрлија идејата Русија да ја одредува иднината на Киев, но се отворени за разговори за други теми, како што е контролата на оружјето.

Кина го поддржува рускиот предлог за правни безбедносни гаранции во Европа, порачаа двете земји.

Текстот Русија и Кина објавија заедничка изјава против ширењето на НАТО и независноста на Тајван е превземен од МАКФАКС.