Саакашвили ќе биде прегледан од психијатар, лекарите велат дека е во очајна состојба

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој штрајкува со глад во затворот повеќе од седум недели, ќе биде прегледан од психијатар, изјави за новинарите член на медицинската комисија.

„Нему му е тешко да стои и да зборува. Имаме информации дека му се даваат големи дози психоактивни лекови. Затоа беше неопходно да се одржи конференција за овој случај и да се посети поранешниот претседател во болницата Гора“, изјави лекарот Григол Григолија, пренесуваат агенцииите.

По посетата на Саакашвили, тој рече дека е неопходно да се утврдат какви лекови земал поранешниот претседател и дека Народниот правобранител Нино Ломјарија додал психијатар во медицинската комисија за да се направат конкретни тестови, додека роднините и пријателите на Саакашвили повториле дека тој е во депресија.

Саакашвили, кој беше претседател на Грузија од 2004 до 2013 година, се врати во земјата на 1 октомври по осум години егзил, со намера да ја собере опозицијата пред локалните избори, кога беше уапсен.

Нему му се заканува затворска казна до шест години, бидејќи во 2018 година беше осуден во отсуство за злоупотреба на службената положба за време на неговиот претседателски мандат од 2004 до 2013 година.

Поранешниот претседател издржува затворска казна во градот Рустави, каде штрајкуваше со глад бидејќи се смета себеси за политички затвореник.

На 8 ноември грузиското Министерство за правда го префрли во затворска болница на периферијата на Тбилиси, но Саакашвили и неговите адвокати решително се спротивставија и инсистираа тој да оди во приватна болница.

Министерството за правда на Грузија на 20 ноември одлучи да го префрли поранешниот претседател во воената болница во градот Гора, за што тој даде согласност и потврди дека ќе го прекине штрајкот со глад по повеќе од еден месец.

Текстот Саакашвили ќе биде прегледан од психијатар, лекарите велат дека е во очајна состојба е превземен од МАКФАКС.