СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска бираат партиски лидери

Денеска во СДСМ се одржуваат вонредни внатрепартиски избори за наследник на Зоран Заев.

Членовите на партијата имаат можност да бираат нов лидер на СДСМ од тројцата пријавени кандидати – Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски.

Сите членови на партијата, кои поседуваат електронска членска картичка, според информациите од СДСМ, ќе можат да го искористат своето право на глас на 194 избирачки места ширум земјата кои ќе бидат отворени од 8 до 19 часот. Изборите ги спроведува Централна изборна комисија, oпштински изборни комисии и oдбори во сите општински ораганизации.

Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед.

Истовремено и опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи редовен партиски Конгрес, на кој ќе се избира новиот лидер на партијата.

Од таму најавија кадровски освежувања и нова доктрина по Конгресот.

Конгресот, како што е најавено, ќе се одржи во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, со присуство на над 500 делегати. Од десет до 12 часот е предвидена регистрација на гостите и на делегатите. Конгресот во 12 часот ќе го отвори Ѓорѓи Сајковски, а претседавач на работното претседателство ќе биде Александар Николоски. После тоа ќе следи затворен дел, на којшто ќе присуствуваат само делегати. Од 16 до 17:30 часот ќе биде паузата за гласање, по што е предвидено обраќање на новиот претседател на партијата. Досега за претседател на партијата е поднесена само една кандидатура, и тоа на актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, а рокот за поднесување кандидатури е до самиот Конгрес.

Текстот СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска бираат партиски лидери е превземен од МАКФАКС.