СДСМ: На бранот на еуфоријата нема да му дадеме на Мицкоски поголема власт од оваа што ја освои на локалните избори

Државата и народот се најважни, парламентарното мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори, велат од СДСМ во реакцијата на прес-конференцијата на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара избори.

„ВМРО-ДПМНЕ од час на час потврдува дека издиша балонот од лаги дека имале ново парламентарно мнозинство. Парламентарното мнозинство е стабилно и нема да ја става државата во ризик и затоа нема да гласа за брзи предвремени избори. СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани на бранот на еуфоријата нема да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа што ја освои на локалните избори. Државата и нејзината иднина се многу поважни од желбата за власт на Мицкоски“, велат од СДСМ.

Од партијата наведуваат дека на граѓаните им е потребна Влада што испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада што има евроатлантски курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес.

„Затоа, ова парламентарно мнозинство, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори. СДСМ, коалицијата и граѓаните нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат договорот од Преспа, да нѐ втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да нѐ внесат во конфликт и внатрешна омраза и на тој начин да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години“, се наведува во писмената реакција.

Текстот СДСМ: На бранот на еуфоријата нема да му дадеме на Мицкоски поголема власт од оваа што ја освои на локалните избори е превземен од МАКФАКС.