СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го урнисуваше РЕК „Битола“, а сега го злоупотребува во дневнополитички цели

Ја потсетуваме ВМРО-ДПМНЕ дека во август 2017 година кога новото раководство го презеде АД ЕСМ“ во РЕК „Битола“ среде лето имаше 70 илјади тони јаглен на депонијата, известуваат од владејачкиот СДСМ. Наводите за некаква претходна спремност на раководството од ВМРО-ДПМНЕ, како што додаваат од таму, е без никаква основа и спротивно на фактите. Големите поплави што во 2020 го зафатија рудникот на РЕК „Битола“ и натчовечките напори на вработените во услови на пандемија да го вратат ископот на јаглен не заслужуваат партиски престрелки преку нивната жртва и труд, велат од СДСМ.

„Што се однесува до откривките на јаглен, не е точно дека оставиле подготвен терен за чист ископ, напротив, откривките, односно ископот на јаловина во 2017 година беше во минус во однос на тоа што требаше да биде постигнато во дадениот момент. Во 2017 година поранешното раководство на АД ЕСМ го прекина договорот за модернизација на Блок 1 со фирмата од Германија. Тоа е истиот блок што сега јавува најчести дефекти, како што е случај со денешниот“, потсетуваат од СДСМ.

Појаснуваат дека од страна на новото раководство секоја година биле правени редовни ремонти на блоковите, а во последните три години биле направени и капитални ремонти за чие редовно извршување роковите, како што додаваат, биле истечени и тие не биле направени од страна на директорите поставени од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во однос на вработеноста, бројките покажуваат дека бројот на вработени во АД ЕСМ само се намалува. Денес, тој изнесува 4.482 вработени, а во 2017 бројот бил 4.892, така што јасно се гледа кој имал намера да врши партизација и кој вршел партиски вработувања на државно ниво. Исто така, останува веќе 4 години неодговорено прашањето од страна на Христијан Мицкоски: зошто како генерален директор на АД ЕСМ, а претходно како принудна управа во РЕК „Битола“ во својство на советник на Груевски, во јануари 2016 набави електрична енергија за цени повисоки и од 200 евра/MWh во време кога немаше енергетска криза во Европа и кога цените беа во нормален распон, од 50 или 60 евра/MWh“, прашуваат од владејачката партија.

Истото прашање треба да го одговори и Гордана Димитриевска-Кочовска, која му беше директор за финансии на Мицкоски во АД ЕСМ, потенцираат од СДСМ.

Текстот СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го урнисуваше РЕК „Битола“, а сега го злоупотребува во дневнополитички цели е превземен од МАКФАКС.