Се чисти големата депонија покрај езерото Треска

Град Скопје почна со чистење на дивата депонија покрај езерото Треска во општина Сарај. Оваа депонија се простира на површина од 10.000 квадратни метри со повеќе од 5.000 кубни метри отпад, кој несовесни правни и физички лица го исфрлаат на овој простор.

Депонијата во Сарај е една од поголемите на територијата на град Скопје, која постојано се пали и со тоа се ослободуваат штетни емисии во воздухот, а со тоа се загадуваат и почвата и подземните води. На овој начин сериозно се загрозува животната средина, но, пред сѐ, е сериозна закана за здравјето на граѓаните што живеат во општина Сарај и општина Ѓорче Петров.

„Чистењето на сите диви депонии, но и постојанитњ контроли и инспекциски надзор, ќе продолжи да биде секојдневна активност на Град Скопје. Ова е приоритет на кој Градот и јавните претпријатија активно работат, со цел обезбедување здрава животна средина, со повеќе зеленило и чист воздух за жителите на Скопје“, велат од прес-службата на Градот.

Текстот Се чисти големата депонија покрај езерото Треска е превземен од МАКФАКС.