Шахистот Карјакин доби шестмесечна суспензија за поддршката на Путин

Рускиот велемајстор Сергеј Карјакин доби шестмесечна забрана на настапи на шаховските турнири поради поддршката на неговиот претседател Владимир Путин и војната во Украина, потврди Интернационалната шаховска федерација (ФИДЕ).

32-годишниот Карјакин, кој е роден на Крим, а од 2009 настапува под руско знаме, загуби од Магнус Карлсен за светската титула во 2016 година.

„Сергеј Карјакин е виновен за прекршување на одделот 2.2.10 од кодот на етика на ФИДЕ и има забрана од шест месеци на сите натпреварувања на ФИДЕ. Изјавите на Сергеј Карјакин за воениот конфликт во Украина донесе негативни реакции на социјалните мрежи“, се вели во објавата.

Тој вели дека се работи за „срамна одлука“.

„Сосема очекувана, но не и помалку срамна одлука на ФИДЕ. Сите спортски принципи се прегазени. Најважно, јас сум патриот на мојата земја, а како второ сум спортист. Да имам повторно шанса да го поддржам претседателот на Русија, луѓето и армијата ќе го направам пак истото“, изјави Карјакин.

Другиот руски велемајстор Сергеј Шипов, кој исто така ја поддржа воената акција, не беше казнет бидејќи неговите изјави биле „поинакви и помалку провокативни од тие на Карјакин“.

Шаховската ѕвезда Карјакин со нова поддршка за Путин

Текстот Шахистот Карјакин доби шестмесечна суспензија за поддршката на Путин е превземен од МАКФАКС.