Шеснаесетто издание на фестивалот АКТО за современи уметности

Во Скопје ќе се одржи шеснаесеттото издание на  фестивалот АКТО за современи уметности.

Програмата ќе се одвива во текот на ноември и декември под насловот „Современи (не)демократии“, а АКТО по 15 години активна работа прераснува во интердисциплинарна платформа за едукација и продукција на современа уметност.

„АКТО во 2021 година отвора двогодишна тема ‘Современи (не)демократии’ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото. АКТО ја испитува оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемокрациски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк отколку на јавност или на живот на улица. Па така преку оваа деполитизирана, еродирана и приватизирана платформа, АКТО се обидува да го истражи стеснувањето на јавниот простор кој води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата. ‘Современи (не)демократии’ се обидува да одговори на предизвиците, но и пречките во непрепознавањето на недемократиите кои ни се случуваат секојдневно. Дали имаше вистинска дебата на јавните простори во земјава? Или само конфликт кој сè уште трае и се продлабочува? Конфликт што го дели (поларизира) општеството и со тоа го спречува неговиот развој? Што е демократија во денешен контекст и како таа (не) демократија се рефлектираше преку неможноста на раѓањето на агора?“, се вели во најавата за фестивалот.

Текстот Шеснаесетто издание на фестивалот АКТО за современи уметности е превземен од МАКФАКС.