Сијарто: Единствен начин да се запре миграцијата е да се подигнат огради

Единствениот ефикасен начин да се запре илегалната миграција е да се подигнат огради на границите.

Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, на заедничката прес-конференција со неговиот латвиски колега Едгарс Ринкевиќ.

Тој додаде дека е апсурдно што Европската Унија сè уште не покажува волја да ја финансира изградбата на границата во Унгарија, пренесе агенцијата МТИ.

Сијарто рече дека притисокот врз ЕУ кој доаѓа од југ, југоисток и исток е „без преседан“.

„Сега Летонија, Литванија и Полска се соочуваат со истите проблеми како Унгарија од 2015 година“, рече Сијарто.

Без огради, смета тој, нема полиција или воена сила која би можела да заштити стотици километри од границата.

„Тешко е да се разбере зошто Европската комисија финансира сè што ја интензивира миграцијата, наместо да најде начин да ја потисне. Тие се однесуваат како да не се од оваа планета, блокирајќи ја поддршката за земјите кои сакаат да ја подигнат оградата“, нагласи унгарскиот министер.

Сијарто ја повика ЕУ да се откаже од напорите насочени кон промена на составот на населението во Европа.

Текстот Сијарто: Единствен начин да се запре миграцијата е да се подигнат огради е превземен од МАКФАКС.