Силен земјотрес ја погоди источна Индонезија

Земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала чиј епицентар бил под морето денеска потресе дел од источна Индонезија, но засега нема информации за сериозни штети или жртви, пренесува АП.

Геолошкиот институт на САД соопшти дека земјотрес со јачина од 5,7 степени се случил на околу 65 километри од Амахаи, крајбрежно село на островот Серам во провинцијата Северен Малуку. Се додава дека епицентарот на земјотресот бил на околу 10 километри под морето.

Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика соопшти дека земјотресот најверојатно нема да предизвика цунами.

Со околу милион луѓе, провинцијата Северен Малуку е една од најмалку населените провинции во Индонезија.

Индонезија често е погодена од земјотреси, вулкански ерупции и цунами поради нејзината локација на „Огнениот прстен“.

Последниот голем земјотрес, со јачина од 6,2 степени, беше во јануари, кога во провинцијата Западен Сулавеси загинаа најмалку 105 луѓе, а речиси 6.500 луѓе беа повредени.

Текстот Силен земјотрес ја погоди источна Индонезија е превземен од МАКФАКС.