Синдикатите бараат ПЦР-тестовите за невакцинираните работници да бидат на трошок на работодавецот

Мерката за вакцинирање на вработените важи за луѓето во јавните и приватните институции, изјави по средбата на претставниците на синдикатот министерот за здравство, Венко Филипче.

„Тоа што го побараа претставниците на синдикатот а ќе биде дискутирано на утрешната седница на владата е прво мерката, по моментот за донесување, да важи не 10 дена, туку 15 дена потоа, со цел да се остават уште неколку денови за едукација на членството во синдикатите. Понатаму да бидат дадени два слободни платени дена за оние кои ќе се вакцинираат, денот на вакцинација и следниот ден.  Последното барање е во однос на оние кои не сакаат да се вакцинираат и ПЦР-тестот како алтернатива, што треба да се прави секоја недела, наместо на сопствен трошок да биде на товар на работодавачите”, изјави Филипче.

Сите овие предлози, рече министерот, ќе бидат разгледани на утрешната владина седница.

Согласно мерките на Комисијата за заразни болести, се предлага сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа, за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.

Комисијата предлага и вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници.

Текстот Синдикатите бараат ПЦР-тестовите за невакцинираните работници да бидат на трошок на работодавецот е превземен од МАКФАКС.