Собраниска делегација учествува на летната сесија на ПССЕ во Стразбур

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во состав Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик шеф и Александар Николоски и Арта Биљали Зендели, членови, учествуват на летната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа што се одржува во Стразбур, Франција од 21 до 24 јуни.

Како што соопшти собраниската прес-служба, според агендата на сесијата, пратениците ќе расправаат за заштитата на основните права и правните импликации на Ковид пасошите или сертификатите, како и социо-економската криза предизвикана од пандемијата и нејзиното влијание врз правата на децата.

Во рамките на унгарското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа, министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто ќе се обрати на Собранието и ќе одговара на прашања, а свое обраќање пред пратениците ќе има и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Со панел дискусија Парламентарното Собрание ќе ја одбележи и 10-годишнината од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, односно Истанбулската конвенција,

Агендата предвидува и дебати за слободата на медиумите, довербата и правото на јавноста да биде информирана, потоа еврвропската политика за дијаспорите, состојбата на Кримските Татари, гонењето на политичари за изјави дадени во текот на извршувањето на нивниот мандат, како и транспарентност и регулирање на донациите за политичките партии и изборните кампањи од странски донатори.

Пратениците исто така ќе ги разгледуваат и извештаите за неодамнешните парламентарни избори во Бугарија и Албанија а ќе се избираат и судии во Европскиот суд за човекови права во однос на Хрватска и Руската Федерација.

На сесијата ќе се дебатира и за учеството на жените од недоволно застапените групи во одлучувањето, со учество на француската министерка за родова еднаквост, разновидност и еднакви можности Елизабет Морено, како и за борбата против афрофобијата во Европа со учество на г-ѓа Е. Тендаи Ахиуме, специјален известувач на ООН за современи форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција.

Извор: zoom.mk