Средба Ангелоски – Лукаревска: Потребно е унапредување на комуникацијата на бизнис-заедницата со Управата

Претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Трајан Ангелоски, оствари работна средба со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на која се зборуваше за досегашната соработка што ја остваруваат двете институции и за можностите за нејзино продлабочување.

Ангелоски истакна дека во последните години Управата за јавни приходи се изгради во професионална институција која вложува максимални напори за задоволување на современите потреби на бизнисите нагласувајќи ја својата превентивна улога пред репресивната.

„Во наредниот период сметаме дека треба да се поработи на унапредување на секојдневната непосредната комуникација што ја имаат претставниците на бизнис-заедницата со Управата преку заедничко дефинирање протоколи, како и состаноци со редовна динамика на која ќе може да се добијат повеќе информации и да се објаснат дилемите што постојат за актуелни теми“, истакна Ангелоски.

Подобро регулирање на онлајн-продажбата, сузбивање на нелојалната конкуренција, намалување на парафискалните давачки, како и развивање механизми за да се спречи нивно ново генерирање, беа дел од темите на разговор.

„Добрата соработка со бизнис-заедницата е од голем интерес за Управата за јавно приходи поради што и ја инициравме оваа средба за запознавање со новиот претседател на Сојузот. Отворени сме за комуникација и подготвени да ги разгледаме сите иницијативи за креирање подобро бизнис-окружување, кои доаѓаат од бизнис-секторот“, истакна Лукаревска.

Сојузот на стопанските комори и Управата за јавни приходи во 2018 година потпишаа меморандум за соработка во согласност со кој двете институции ги обезбедуваат сите облици на соработка.

Текстот Средба Ангелоски – Лукаревска: Потребно е унапредување на комуникацијата на бизнис-заедницата со Управата е превземен од МАКФАКС.