Судењето за „Меѓународен сојуз“ се откажува, еден од обвинетите е во изолација

Судењето за предметот кој се однесува на невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13 се одложува затоа што еден од обвинетите е во изолација, соопшти Основниот кривичен суд.

„Денешната рaсправа се одлага по добиено известие од Затворската управа дека еден од обвинетите е во изолација согласно протоколите за заштита од Ковид – 19“, се наведува во соопштението.

Следното рочиште е закажано за 22 септември во 11 часот.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Третообвинета во случајот е ексминистерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски за измама.

Второ и третообвинета се заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска – двете се товарат за помагање во делата измама и перење пари.

Петтообвинет е таткото на Боки, Миле Јовановски, кому на товар му се става помагање во перењето пари, како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, за едниот проект сума од 719.905, а за другиот 233.821 евра.

Текстот Судењето за „Меѓународен сојуз“ се откажува, еден од обвинетите е во изолација е превземен од МАКФАКС.