Судијата лут на адвокатот на Јакимовски, кој поради корона, одложи рочиште, па отишол на друго судење

Адвокатот Виктор Цветковски, застапник на Стевчо Јакимовски, дојде на денешното судење за предметот што се води против актуелниот градоначалник на Карпош. Тој рече дека има направено тест на коронавирус и добил негативен резултат, а минатото рочиште беше одложено поради негово отсуство.

На ова реагира судијата Осман Шабани, кој му предочи на адвокатот дека два дена по одложеното рочиште, се јавил на рочиште за друг предмет.

„Во петокот ни одложивте рочиште, а преку еден ден во Штип се јавувате за притворски предмет. Значи, нивното здравје не е важно, нашето е?“, рече Шабани

„Во четвртокот беше позитивна. Во петокот се тестирав“, рече адвокат Виктор Цветковски, застапник на Јакимовски.

„За еден ден не се развива коронавирус. Барем не одете таму да го загрозувате здравјето. Знаеме веќе за тоа како се развива вирусот, секојдневие ни стана“, рече Шабани.

Јавниот обвинител рече дека нема одново да дава воведен говор и дека останува на истиот од претходно за Стевчо Јакимовски и за Александар Милошевиќ, иако процесот почна од почеток.

„За обвинетата Лилјана Трајковска и за Весна Стефанова постапките се одвоени и има првостепена пресуда“, рече јавната обвинителка.

Претходното рочиште за овој предмет се одржа на почетокот на ноември, еден ден по преземањето на функцијата градоначалник. Предметот се суди одново бидејќи судечкиот судија Горан Бошевски беше разрешен, а нов судија е Осман Шабани. За овој предмет, Јакимовски беше и во куќен притвор. Тој се гони бидејќи со неговите дејства Обвинителството тврди дека му направил штета од 7.209.600,00 денари, без ДДВ, на буџетот на Општина Карпош.

Според обвинителниот акт, обвинети се 6 лица. Првообвинетиот Јакимовски е обвинет за повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето и едно кривично дело бесправно градење од Кривичниот законик. Тој се товари дека од 2011 до 2017 година како градоначалник во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластувањето во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на привремени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.

Текстот Судијата лут на адвокатот на Јакимовски, кој поради корона, одложи рочиште, па отишол на друго судење е превземен од МАКФАКС.