Талибанците ги повикаа земјите ширум светот на официјално признавање

Портпаролот на талибанците и министер за култура на преодната влада во Авганистан Забихула Муџахид ги повика државите, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД), официјално да ја признаат талибанската администрација.

Муџахид одржа прес-конференција во Медиа центарот во владината канцеларија во Кабул.

Според него, претставниците на Талибанците во последните седум дена се сретнале со претставници од Русија, Иран, Узбекистан, Пакистан и Туркменистан и дека разговорите поминале добро.

Тој додаде дека Авганистан не претставува закана за друга земја, во земјата е воспоставена безбедност, во законските рамки е формирана влада, а народот е доведен до просперитет.

Муџахид рече дека преговараат со одредени земји за официјално признавање на талибанската влада.

„Земјите ширум светот, вклучително и Америка, треба официјално да ги признаат Талибанците, бидејќи Талибанците ги исполнија неопходните услови за официјално признавање. Земјите прво треба официјално да го признаат Авганистан, бидејќи Авганистан не претставува закана за другите земји“, рече Муџахид.

Според него, авганистанскиот народ има природно право талибанската администрација да биде официјално признаена.

Тој го повтори својот повик до САД повторно да ја активираат амбасадата во Кабул.

„Сакаме да ги подобриме дипломатските односи со целиот свет, вклучително и со САД“, рече Муџахид.

Текстот Талибанците ги повикаа земјите ширум светот на официјално признавање е превземен од МАКФАКС.