Тиафоу со епски камбек закажа финале со Зверев

Американскиот квалификант Френсис Тиафоу имаше неверојатен камбек за 3:6/7:5/6:2 полуфинална победа во Виена над италијанскиот талент Јаник Синер за да се пласира во своето прво финале во 2021, каде што ќе се сретне со фаворит, Александер Зверев.

Тиафоу, кој претходно се врати од 0:3 негатива во второто коло од Стефанос Циципас, овојпат губеше со 2:5 во вториот сет од Синер, за да освои 11 од последните 13 гема за победа по 2 часа и 18 минути игра.

„Неделата беше навистина долга. Сакав да се забавувам и публикта да се вклучи па потоа беше полесно“, вели 23-годишниот Тиафоу, кој ќе се обиде да стигне до својата прва титула од таа во Делреј Бич во 2018 година.

Зверев претходно стави крај на уште еден импресивен турнир на шпанскиот тинејџер Карлос Алкараз, победувајќи го со 6:3/6:3 за свое петто финале.



Во финалето во Санкт Петерсбург ќе играат Хрватот Марин Чилиќ и Американецот Тејлор Фриц. Чилиќ лесно со 6:3/6:3 го совлада Белгиецот Ботик ван де Цандшлуп, додека Фриц се врати од сет негатива за 5:7/6:1/6:3 победа над Германецот Јан-Ленард Штруф.

Во финалето на Трансилванија опен во Клуж-Напока, домашната фаворитка Симона Халеп ќе се сретне со Естонката Анет Контавеит, која влезе во своето шесто финале оваа сезона. Контавеит со 6:3/6:1 ја совлада шведската тенисерка Ребека Петерсон, додека Халеп имаше уште полесна победа над Украинката Марта Костјук победувајќи со 6:0/6:1.

Текстот Тиафоу со епски камбек закажа финале со Зверев е превземен од МАКФАКС.