Тинејџерка со месеци е позитивна на брз тест, никој не знае зошто

Брзиот антигенски тест на коронавирус кај 15-годишната Ева Валабернштајн од Хановер покажува позитивен резултат веќе девет месеци. Меѓутоа, кога прави ПЦР-тест, резултатот е секогаш негативен.

Лекарите не може да ја најдат причината, а тинејџерката има проблем секогаш кога ќе направи брз тест на коронавирус.

Германскиот РТЛ, кој ја пренесе приказната, објави дека на 13 април 2021 година Ева првпат била тестирана на училиште со брз тест на коронавирус. Тестот покажал позитивен резултат по што ја повикала мајка си Кристина да ја земе во училиште.

И тогаш почнува маѓепсаниот круг. Ева оди на ПЦР-тест и во карантин додека го очекува резултатот. Три дена подоцна дознава дека нема Ковид-19. Следниот ден се враќа на училиште и се тестира со брз тест. Резултатот повторно е позитивен.

„Беше многу непријатно, стресно. Ништо не можев да направам“, вели 15-годишното девојче.

Истото и се случувало со недели, пробала дури 30 брзи тестови на коронавирус, но сите дале позитивен резултат.

Докторите не знаат што се случува, а на почетокот никој не ѝ верувал. Таа морала да направи неколку тестови во присуство на учител или лекар бидејќи и тие не ѝ верувале.

„Ни велеа дека може да има лажно позитивни тестови, дека можеби погрешно сме го направиле тестот итн. На почетокот никој не ни веруваше. Во последните 9 месеци ќерка ми неколкупати беше во карантин, пропушти голем број часови и не можеше да прави ништо со другарите бидејќи учеството во јавниот живот е можно само со негативен брз тест или дополнителна вакцинација. Мислев дека никогаш нема да заврши бидејќи никој не можеше да најде причина зошто брзите тестови секогаш покажуваат дека ќерка ми е позитивна на коронавирус“, вели Кристин.

Во меѓувреме, управата на училиштето ја ослободила 15-годишната од обврската за тестирање, а таа примила две дози од вакцината.

Текстот Тинејџерка со месеци е позитивна на брз тест, никој не знае зошто е превземен од МАКФАКС.