Трајанов: Да ги департизираме виталните државни институции, да обезбедиме сплотеност за стратешките интереси

На денешната расправа во Собранието за избор на Влада, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, нагласи дека за програмските приоритети веќе разговарале со мандаторот а пред пратениците според неговите оценки е Програма со која изрази надеж дека се нуди стратегија или визија за перспективите и целите кон кои ќе се движиме како држава.

„Разочарување и незадоволство се присутни на секој чекор“, рече Трајанов но според него постои и надеж дека е можен пресврт на подобро.

„Но треба да ги засукаме ракавите и да работиме. Доста е со говори, стратегии, платформи за реформи во правосудниот систем, да направиме кредибилен судски систем, законите да важат за сите. Да обезбедиме фер судење и правда, да се преиспитаат монтираните судски процеси. Ако нема правда, нема ниту мир. Ако нема правна сигурност, бега капиталот но и младите. Од понеделник натаму, силна и бескомпромисна борба против тешките облици на криминал и високата корупција. Седум институции се вклучени во откривање и сузбивање на криминалот, но тие се партизирани, некоординирани, затоа предлагам Закон за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, како и формирање на независна Агенција за борба против криминалот“, потенцира Трајанов.

Побара коренити реформи на изборните правила. Македонија, потсети тој, да биде една изборна единица со законски услови за рамноправен политички натпревар.

Нагласи дека е потребна имплементација на европските стандарди и реформи согласно поглавјата за членство во ЕУ, независно што и натаму трае блокадата од Бугарија.

„Овде сакам да ги потенцирам црвените линии, никој не сме да го загрози нашиот национален идентитет, јазик историја, културни и други карактеристики и обележја на Македонскиот народ. Да се отвори расправа за системски промени, преку промени на Уставот за јакнење на одговорноста, отворање на расправа за Бадентер, затоа што се злоупотребува или селективно се применува и сл“, додаде Трајанов.

Напомена дека за економските аспекти, енергетската криза, пандемијата и други значајни прашања ќе се разговара и во наредниот период.

„Но мораме да ги департизираме виталните државни институции, да им дадеме шанса на способните и креативните, на младите. На крај дајте да обезбедиме единство и сплотеност за стратешките интереси на Македонија, да ја чуваме Македонија, младите да останат овде во Македонија, да станеме информатичка силна држава”, кажа пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз.

Текстот Трајанов: Да ги департизираме виталните државни институции, да обезбедиме сплотеност за стратешките интереси е превземен од МАКФАКС.