Тренчевска: УНИЦЕФ е наш голем поддржувач и партнер во политиките на детската и социјалната заштита

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со Артур Ајвазов, заменик-претставник на УНИЦЕФ во земјата, на која се разговараше за тековните и за идните проекти и за соработката помеѓу двете институции.

„Грижата за децата е еден од приоритетите на Министерството за труд и социјална политика. Поддршката што ја добиваме од УНИЦЕФ во креирање и имплементирање на политиките што се во насока на обезбедување поголема заштита и унапредување на правата на децата навистина е значајна за нас. Воспоставената соработка овозможува и примена на светските практики и највисоките стандарди со цел обезбедување на најдобриот интерес на детето“, рече Тренчевска.

На средбата се разговараше за тековните проекти и активности, во кои Министерството има значајна поддршка од УНИЦЕФ, како што се деинситуционализацијата и воспоставувањето на новите форми на згрижување, згрижувачките семејства, малите групни домови, како и социјалните услуги на локално ниво како дел од социјалната реформа.

Во делот на детската заштита стана збор и за значењето на раниот детски развој, а во таа насока беа потенцирани и заложбите на Владата за зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишно воспитание, вложување во зајакнување на компетенциите на стручниот кадар во нив преку обуки за социо-емоционален развој на децата и градење на капацитетите на родителите, преку позитивно родителство, што би осигурало стабилен развој на децата.

Соговорниците изразија уверување и подготвеност за продолжување и продлабочување на досегашната соработка во областа на детската и социјалната заштита и во иднина.

Текстот Тренчевска: УНИЦЕФ е наш голем поддржувач и партнер во политиките на детската и социјалната заштита е превземен од МАКФАКС.