Три европски земји ги укинуваат сите ковид-мерки, за таквиот чекор клучни се две нешта

Данска, Шведска и Холандија ги укинуваат практично сите мерки во борбата против пандемијата на коронавирус. Стапките на вакцинација се релативно високи во трите земји, но и довербата во владините политики е исто така висока. Во овие земји постои надеж дека слободното движење на граѓаните ќе доведе до уште повисока стапка на вакцинација.

Во некои европски земји, враќањето на стариот начин на живот, односно слободното движење и излегување како и пред пандемијата, веќе не е само сон.

Вакцинираните граѓани во Холандија ќе можат да танцуваат во преполни ноќни клубови од следната сабота (25 септември) без да мора да држат растојание. Наместо да се придржуваат до одредени мерки, тие на влезот ќе треба да приложат само ковид сертификат.

Минатата недела, Данска ги укина сите ограничувања и со тоа стана првата земја од ЕУ што се врати во „нормала“. На граѓаните не им требаат маски или доказ за вакцинација за да одат на концерт или во вежбалница. Кон крајот на август, министерот за здравство рече дека коронавирусот веќе не се смета за социјално критична болест.

На овие две земји им се придружува и Шведска, која и онака имаше најблаги мерки за време на пандемијата. Кон крајот на месецов, ќе бидат укинати ограничувањата за јавни и приватни собири, како и препораката за работа од дома.

Но, оние што ќе патуваат во овие три земји и натаму ќе треба да бидат тестирани и ставени во карантин доколку не се вакцинирани.

Солидна стапка на вакцинација

Според оксфордската база на податоци Our World in Data, три четвртини од вкупното население во Данска се вакцинирани со две дози. Од поголемите земји во ЕУ, само Португалија и Шпанија се пред нив.

Во Холандија и Шведска, околу 63 проценти од сите жители се вакцинирани.

„Меѓу најранливите категории на пациенти и граѓани, стапката на вакцинација е девет од десет такви случаи“, изјави Алан Рандруп Томсен, виролог на Универзитетот во Копенхаген.

Во Холандија, министерот за здравство Хуго де Јонг верува дека враќањето на претходните слободи, под услов на вакцинација, ќе мотивира многу повеќе луѓе да се вакцинираат.

Претседателот на здружението на општи лекари, Андреас Гасен, бараше нешто слично во Германија. Тој ги повика властите да го прогласат 30 октомври за Ден на слободата, кога сите мерки ќе бидат укинати.

„Се обложувам дека на крајот на октомври ќе ја надминеме стапката на вакцинација од 70 проценти, бидејќи многу луѓе ќе побрзаат да ја прифатат таа понуда“, рече Гасен. Неговите зборови не беа прифатени со голем ентузијазам.

Податоците од Европскиот центар за контрола на заразни болести покажуваат дека делта варијантата на вирусот хара особено во земјите каде стапката на вакцинација е ниска, иако не само таму.

Во Австрија и Норвешка, бројот на заразени расте и покрај сличните стапки на вакцинација како и во земјите што сега ги укинуваат мерките.

Доверба во властите

На крајот на мај, Данска го претстави својот ковид-пасош во форма на апликација или печатен QR-код. На други места, ваквите владини планови доведоа до масовни протести, како што беше во Франција, Италија и Грција.

Експертите велат дека во Шведска, Данска и Холандија постои огромно ниво на доверба во владините политики и дека тоа прави разлика.

„Имавме голема програма за тестирање што ни овозможи да ја следиме состојбата многу локално, така што имавме локални заклучувања кои беа многу ефикасни“, вели Камила Холтен Молер, епидемиолог од Државниот институт за серуми во Копенхаген.

Таа објаснува дека успеале да го сторат тоа бидејќи Данците едноставно историски имаат голема доверба во здравствените власти и програмите за вакцинација.

Овие земји сега го разгледуваат бројот на хоспитализации, а не бројот на нови инфекции, бидејќи вакцинираните луѓе, кога ќе се заразат, обично поминуваат со благи или без симптоми.

Сепак, укинувањето на сите мерки е потег на кој повеќето европски земји и натаму не се осмелуваат.

Текстот Три европски земји ги укинуваат сите ковид-мерки, за таквиот чекор клучни се две нешта е превземен од МАКФАКС.