Турција гони 30 лица поради споделување шпекулации за здравјето на Ердоган

Турските власти почнаа судска постапка против 30 лица поради шпекулации за здравствената состојба на претседателот Реџеп Таип Ердоган на социјалните мрежи.

Сите осомничени се гонат поради објавување твитови за Ердоган користејќи ја назнаката #ölmüş (#мртов), соопшти турскиот Генерален директорат за безбедност.

Властите во соопштението велат дека лицата споделиле дезинформации и манипулативна содржина на интернет.

Осомничените се и под истрага за ширење содржина што го навредува или погрешно го претставува турскиот претседател.

„Идентификувани се 30 лица, а против нив е поведена соодветна правна постапка“, соопштија од Директоратот.

„Се вршат неопходни истраги за објавите што содржат лаги и дезинформации и се испраќаат до правосудните органи“.

Одделно, адвокатите на Ердоган исто така поднесоа жалба до главниот обвинител во Анкара.

Во последните денови се зголемија шпекулациите за здравјето на Ердоган откако неодамна беше снимен дека тешко оди.

За време на празнична порака во јули, 67-годишниот претседател изгледаше во лоша состојба додека неговиот говор понекогаш звучеше нејасно.

Но, соработниците на турскиот претседател споделуваат видеа од Ердоган на „Твитер“ за да ги смират шпекулациите за неговото лошо здравје.

„Верувајте му на пријателот, плашете се од непријателот“, напиша на „Твитер“ шефот за комуникации на претседателот, Фахретин Алтун, покрај снимката на која Ердоган чекори постабилно по патување со авион од Истанбул до Анкара.

Ердоган, кој е на власт речиси две децении, беше подложен на сериозна операција на цревата во 2011 година.

Неговиот најнов јавен настап беше на самитот Г20 во неделата во Рим, каде што турскиот претседател се сретна со американскиот колега Џо Бајден.

Текстот Турција гони 30 лица поради споделување шпекулации за здравјето на Ердоган е превземен од МАКФАКС.